Советниците на СДСМ, НСДП и ПЕИ, на заедничка прес конференција што ја водеше претседавачот на градскиот Совет Душко Јаковчески, денеска, побараа од министрката за  внатрешни работи да го разреши командирот на Полициската станица – Охрид, поради, како што беше речено, навреда и непочитување на институцијата Совет.

– Командирот на ПС Охрид, Добривое Петрески, имаше скандалозен настап на продолжението на  21-та седница, одржана вчера. Тој се дрзна да каже дека советниците немаат морален и професионален кредибилитет да ја оценуваат неговата работа. Со други зборови кажа дека сите 23 советници се неморални, а преку тоа сите граѓани на Охрид кои гласале за нив се неморални. Поради овој скандалозен чин кој претставува упад во демократијата, но и упад и во уставниот поредок, од министерката за внатрешни работи бараме најитно да го разреши командирот на ПС Охрид, Добривое Петрески.-истакна претседавачот на Советот, Јаковчески.


Тој појасни дека командирот на ПС Охрид го бира Советот, по предлог на министерот за внатрешни работи, кој единствено има право да го разреши истиот. „За да не дојде до ескалација на настаните бараме под итно да биде разрешен Добривое Петрески“, додаде Јаковчески.

Претседавачот на Советот објасни  дека по неговата реакција и инсистирање, командирот на ПС Охрид се извинил за изречените зборови, што според дел од советниците присутни на денешната прес конференција, не било доволно.

-Доколку командирот на Полициската станица во Охрид нема респект кон институциите, како што е Советот, какво е неговото однесување кон обичните граѓани, истакна советничката од НСДП, Верица Хајба. Одговарајќи на новинарско прашање за забелешките на командирот Петрески за нефункционирањето на Локалниот совет за превенција и безбедност, советничката Хајба рече дека оваа институција не функционира затоа што Советот не можел да најде заеднични јазик со надлежните институции.


Инаку Советот на општина Охрид на вчера одржаната седница на која се разгледуваше безбедносната состојба во градот, усвои заклучок за поголема децентрализација на полицијата, како и да се формира комисија за разгледување на безбедносната состојба во општината и соработка со полицијата. Советниците не го усвоија 6-месечниот извештај за безбедносната состојба во Општината што го поднесува командирот на Полициската станица – Охрид.

Осуда во врска со ставовите на командирот на ПС Охрид  изнесени на продолжението на вчерашната седница искажа и општинската организација на СДСМ.

OhridNews