Членовите на општинскиот Совет ќе се подновуваат со лаптопови. На овој начин ќе се подобри комуникацијата и ефикасноста, а што е најважно долгорочно ќе се заштеди на хартија, е генералниот став на советниците по ова прашање. Одлуката за купување преносни компјутери за секој советник ќе се најде на дневен ред на денешната  46-та седница на Советот.

Советниците ќе ја утврдуваат и висината на месечниот надоместок за нивниот личен ангажман кој ќе биде во висина од 70% од просечната плата во Македонија која изнесува околу 14.000 денари.

Покрај ова советниците ќе рсправаат и по предлог одлуките за усвојување на  Етичкиот кодекс на локалните функционери;  за пренесување на правото на сопственост на моторно возило; за давање согласност на Одлуката за утврдување на висина на надоместокот за користење на простор во новите градски гробишта за практична обука на кандидати за возачи;  за основање на Центар за развој на југозападниот плански регион; за усвојување на Извештајот  за туристичкиот промет на подрачјето на општината  во периодот 01.01.2007 год. до 31.08.2007 год; за утврдување фискална стратегија и развојни документи; за утврдување границите на Урбаните заедници; за измени и дополнувања на Одлуката за  извршување на Буџетот на општина Охрид за 2007 год. како и за Иницијатива за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на цени за вонредно чистење на улиците.

Г. Момироски