Советничката на СДСМ, Орхидеја Тасеска посочи дека реката Сатеска треба под итно да се пренасочи во старото корито затоа што таа носи големо количество на вода во езерото, со што влијае негативно врз природниот баланс на езерото и неговиот органски свет.
– Природниот слив во Охридското Езеро изнесува 236 километри квадратни. Реката Сатеска е вештачки пренасочена да се влева во езерото што значи дека не припаѓа на реките од езерското сливно подрачје. Тоа придонесува зголемување на природниот слив на езерото на 668 километри квадратни. Значи тоа е многу повеќе вода од онаа што природно ја има Охридското Езеро. Друг проблем е тоа што Сатеска влече суспендиран нанос во Охридското Езеро во износ од 42.593 квадратни метри на еден квадратен километар. –вели Тасеска. Таа појасни дека во 1998 година од тогашниот Завод за заштита на води бил изготвен проект за враќање на Сатеска во старото корито, но до сега истиот не бил реализиран.
Советникот Дејан Паноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека езерото треба постојано да се контролира и соодвено да се управува со него, без разлика на висината на езерската кота.
-Најпрво треба да се концентрираме на правилното и квалитетно контролирање на целокупниот базен на реката Црн Дрим, затоа што Охридското Езеро е во директна поврзаност со оваа река. Исто така треба да се превземат мерки на осовременување и модернизирање на Системот за прочистување на отпадни води на езерото, кој е еден од најважните фактори заштита од загадување. Многу важни за езерото се и законските мерки и прописи кои што се донесени и истите треба многу повеќе да се применуваат и почитуваат– објасни Пановски. Тој нагласи дека најважно од се што треба да се направи на локално и на централно ниво е ревизијата на Македонско-Албанскиот договор за одржување на нивото на Охридскот Езеро. Договорот е од 1957 година и според Паноски не одговара на еколошките, економските и социјалните услови кои што ги имаме сега.
Рачиси сите останати советници беа едногласни дека заштитата на Охридското Езеро е од исклучителна важност, за да не се дојде повторно до слични проблеми, како оние што настанаа поради зголемениот езерски водостој. Во тој контекст, Советот едногласно усвои вкупно 18 заклучоци кои се однесуваат како на легислативата, надлежностите и потребите од адекватни преземања на сите субјекти чие делување или грижа се сврзани со Охридското Езеро.