Донесувањето на посебен Закон за Охрид е неопходно и потребно сметаат охридските советници. Со донесување на посебен Закон за Охрид прецизно ќе се уредат голем број области, посебно во туризмот, културата и заштитата на животната средина, со што ќе се надминат сериозните проблеми со кои градот сега се соочува, сметаат тие. Донесувањето на Законот за Охрид, беше актуелизирано во контекст на последната иницијатива на Советот за донесување Декларација за заштита на Охридското Езеро како одговор на  како што беше речено, се посилната деградација на крајбрежјето.


Советниците бараат Зконот за Охрид да се донесе најитно

Советниците укажуваат дека дел од концесионерите на плажите , но и угостители во центарот на Охрид, не ги почитуваат договорите и надвор од прописите градат објекти од бетон и челик во и покрај  водите на Охридското Езеро, а поединци дури и намерно ја уништуваат трската за да приграбат дел од атрактивното земјиште.


се посега по езерото сметаат советниците

Како граѓани на Охрид не смееме да замижиме пред тоа што се случува, вели советникот од ВМРО НП, д-р Томе Гиноски. Според него немилосрдно се уништува брегот на Охридското Езеро кое како природно богатство е под заштита на УНЕСКО. „Министерството за транспорт и врски под итно да изврши ревизија на договорите на концесионерите на охридските плажи и да се донесе конечно посебен Закон за Охрид со кој точно ќе се утврдат начинот и правилата според кои ќе се стопанисува со Охридското Езеро и крајбрежјето. Но, тоа да не биде на сметка на животната средина и на грбот на охриѓани кои сега не можат слободно да се движат по сопствените плажи“, вели Гиноски.


д-р Томе Гиноски- ВМРО НП

На иста линија и се и други советници кои сметаат дека државата треба одлучно да се спротистави на хаосот кој според нив се случува на охридското крајбрежје. „Не се бираат средства да се стигне до екстра пофит од страна на  одредени луѓе кои јавно поседуваат некаква моќ и се пулени на централната власт и заради тоа мислам дека надлежните ќе најдат храброст и желба да не ја доведат судбината на Охрид под знак прашалник“, изјави за Оhridnews, советникот од ВМРО НП, Ранко Велјаноски.


Ранко Велјаноски – ВМРО НП

Според советниокот Бранко Трпчески од СДСМ, потребни се радикални мерки против сите кои го узурпираат крајбрежјето. Тој го наведе примерот со уништување на трската кај кампот „Андон Дуков“ како класичен пример на освојување, односно како што рече присвојување на земјиште кое е од јавен интерес. „Светот ни го призна Охридското Езеро како природно богатство, потпишани се и четири меѓународни договори за негова заштита, а ние охриѓаните сами го уништуваме“, вели Трпчески.


Бранислав Трпчески – СДСМ

Советниците најавија дека за случувањата на охридското крајбрежје ќе ги известат сите надлежни институции во државата и УНЕСКО. 

Г. Момироски