Членот на Советот, Томислав Тунтев, кој деновиве го актуелизира проблемот со канализацијата во стариот дел на Охрид, упати барање до градоначалникот на општината, началникот на секторот за урбанизам и до директорот на МЈП „Проаква“, да преземат итни мерки за решавање на проблемот кој претставува сериозна опасност по здравјето на граѓаните и посетителите.

Во писмото до надлежните институции, Тунтев посочува дека одреден број куќи кои непосредно излегуваат на брегот на езерото зад црквата Св. Софија, не се приклучени на канализациониот систем и дека отпадните води од овие куќи директно истекуваат во езерото.

– Во својство на член на  Советот на Општина Охрид, како и во својство на жител во овој дел од градот, во мое лично име, како и во име на сите засегнати жители од овој дел на градот, Ве молам да им наложите на сите релевантни институции и службени лица веднаш да се започне со соодветна постапка за решавање на овој горлив проблем, се наведува во писмото на советникот Тунтев.

Тој не информираше дека одговорните лица во МЈП „Проаква“ безрезервно ја изразиле својата подготвеност да излезат во пресрет на барањето на жителите и наведениот пропуст да биде отстранет во најкраток можен рок. Тунтев очекува со заложба на општината да се изврши приклучување на наведените домаќинства во канализациониот систем, што ќе биде во корист и за добробит на сите.

– Се надевам дека Вашата правовремена и ефикасна реакција, во врска со наведениот случај, само ќе ги потврди Вашите заложби за континуирано и ефикасно решавање на проблемите и за задоволување на елементарните животни потреби на нашите сограѓани во сферата на комуналното уредување, му пишува на градоначалникот, советникот Тунтев.

Ohridnews