Советникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Иван Огненов, со контра реакција ја продолжува медиумската расправија со општината од која бара отчет за финансиското работење. Откако вчера си разменија по неколку обвинувања, советникот Огненов со ново соопштение бара одговор од градските власти. Во соопштението се вели:
 
„Како што „видовито“ предвидов на пресконференцијата, пропагандната машинерија на градоначалникот Петрески, ја упати мојата партија (не мене, иако се работеше за мои лични видувања) како и каде да се обраќа, за кои прашања треба да се грижи -и тоа искрено! Се разбира, таа адреса беше (погодувате?): Владата! Овој пат, госп. Маневски, покрај сета своја умешност, искуство и невообичаениот непристоен вокабулар, не беше на висината на епп-задачата. Се послужи со одговори на непоставени прашања и тоа далеку од сферата на локалните, во стилот на народната: – „Ја прашале мазгата кој и е татко, а таа одговорила: атот ми е вујко!“
   
Елем, целта на моето обраќање, а не на ВМРО-ДПМНЕ чиј член сум, беше да укажам на неисполнетата обврска да се евидентира и да се процени имотот на Општината и да се даде комплетен отчет за трошењето на народните пари. Зашто многу подобро е тие да завршиле во промоција на градот или капитални инвестиции отколку, недајбоже, во незаслужени приватни џебови или капитали. Таква комплетна и јасна информација е должен, и по закон, и по чест да даде пред Советот и пред народот Градоначалникот сега, пред истекот на неговиот мандат.
   
И, молам да се воздржат од неаргументирани „контрареплики“ по секоја цена. Ако сака Градоначалникот неговата да биде „последна“, нека го прифати мојот повик, нека даде извештај таму каде што е должен: пред Советот. А органите: инспекции, антикорупциска, обвинителства, судови и сл. ќе си ја вршат работата независно од мојата или неговата волја!“, се вели во соопштението од советникот Огненов.

ohridnews