ОК ВМРО ДПМНЕ ја обвини локалната самоуправа за неспроведување на законските обврски од областа на финансирањето преку буџетот на општината и јавните претпријатија.

„Пред секој годишен извештај потребно е да се утврди имотот на општината, дури беше донесен и заклучок од Советот да се изврши попис, но тоа не се случи“, рече на прес конференцијата актуелниот советник Ванчо Огненов. Благодарение на таквото тажно менаџирање, рече тој, јавноста не знае со колкав имот располага локалната самоуправа, иако просечно секој жител на општината годишно во општинскиот буџет внесува по 200 евра.

Огненов обвини дека градоначалникот се служи со вешта пропаганда и дека за секој неуспех ја обвинува централната власт. Тој побара локалната да поднесе извештај за финансиското работење и да се обелодени начинот на кој таа се ослободила од милионските долгови. „Градоначалникот да даде преглед на финансиското работење во текот на неговиот четиригодишен мандат пред Советот“, побара Огненов.

Ohridnews