– Во моите 56 години јас со сопругата лудо заљубен живеам, и планирам да живеам уште долго, ако даде Господ. Децата ги имам одделено од мене и јас и мојата Велика живееме посебно во нашата куќа која ја опремив со целосна инфраструктура која ни овозможува комфор и ете сега слободно можам да кажам дека го преживувам вториот пубертет. Навлезен сум по втор пат во таква фаза и одлично ми е. Љубовта со мојата Велика ми е максимална и терам до крај колку можам и умеам со неа – изјави Калимеро во емисијата Соочување со Љупчо Таневски на Радио Охрид, која вообичаено третира политички теми, но, овојпат советникот Калимеро во свој стил на емисиајта и даде духовит и сатиричен призвук.
Калимеро во радио етерот се пофали дека доживеал втор пубертет
Низ емисијата Калимеро кажа дека сите партии му понудиле да ги поддржи во изборите, но, тој тоа го одбил.
– Сите ми понудија јавно да ги поддржам, но јас достоинствено ги одбив бидејќи сум достоинствен чесен и независен, а им кажав дека ако се договориме и ги поддржам, ќе мора јавно да обзнанам дека дошле кај мене дома и точно да кажам што сме се договориле како што направив кога дојдоа Градоначалникот Петрески и Владо Чингоски кога се договараа со мене да ги поддржам – изјави Калимеро и додаде дека и од него се барало да се кандидира но тој тоа го одбил од причини што семејството не застанало зад него, бидејќи преживеал мозочен удар.
– И покрај тоа што на неколку пати сонував сонови како претсказанија за моја кандидатура за пратеник, а и кокошката ми снесе јајце со 16- крако сонце, јас сепак се откажав од тоа да сум пратеник затоа што од дома ми рекоа, подобро да те имаме жив советник Калимеро, отколку мртов пратеник, не се плашевме од атентат туку од моето здравје кое ќе се наруши ако се изложам на сериозно терање правда во Парламентот- изјави Калимеро.
Тој рече дека фирмата откако станал советник му се преполовила и не профитирал од политичката функција.