Советниците дадоа зелено светло за Планот и програмата за контрола на популацијата на бездомни кучиња на територија на Општина Охрид.
Советничката Виолета Аврамоска изнесе неколку забелешки и сугестии, посочувајќи ја и иницијативата која била поднесена од нејзина страна за стерилизација на маалски и домашни миленици со цел намалување на бројот на бездомни животни.
Во делот на Програмата за поттикнување на волонтери и отворање на прифатилишта, обука на луѓе кои ќе работат со животни сметам дека ова најдобро може да се реализира преку соработка со здруженијата и активистите за што и ние од Левица ви стоиме на располагање. Во делот каде е предвидена еутаназија на животните, наидов на една голема манипулација, каде пишува дека „еутаназија се врши кога животно е заболено од паразитска болест“. Во ред е тоа што пишува од неизлечиви болести, но паразитските болести кај животните не се неизлечиви. Дали и на кој начин се спроведува Планот за вдомување на бездомните кучиња и зошто стелиризирани кучиња кои не се агресивни се однесени на депонијата во Буково? Дали сметате дека местото на овие животни им е на депонијата или има други причини?, рече Аврамоска.
Вера Рауник, раководител на Одделнието за управување со отпад и регионални депонии, истакна дека Планот и програмата за бездомните кучиња се носи согласно Законот за благосостојба на животните и пред да се донесе се испраќа во Агенција за храна и ветеринарство од каде за истиот има добиено позитивно мислење.
Во врска со еутаназијата, Планот е изработен согласно Законот и се што е наведено во истиот стои во Програмата. Значи како предвидел Законот, ние само мораме да го спроведуваме. Што се однесува за кучињата кои се однесени на депонијата Буково, немам точни информации, за тоа треба да се праша ЈП „Охридски Комуналец“ кој е задолжен за спроведување на оваа програма. Но, согласно Законот кучињата кои се заловени и стерилизирани по Закон се враќаат на локацијата каде се заловени. Доколку кучињата биле заловени на депонијата Буково, после стерилизацијата мојата претпоставка е дека се вратени таму, додаде.
Аврамоска упати и прашање за тоа на кој начин се планира да се направи враќање на стерилизираните кучиња, посочувајќи дека не е во ред стерилизраното куче повторно дирекно да се врати на улица, туку треба да се помогне за вдомување.
Секоја помош од здруженијата за заштита на животни е добредојдена и секоја нивна забелешка и предлог сигурно дека ќе се прифати. Согласно Законот прифатилиште имаат овластените ветеринарни служби кои ја вршат самата стерилизација, заловување на кучиња. Десет дена се чуваат во прифатилишата во самите ветеринарни станици и доколку има интерес секое куче може да биде вдомено, потенцираше Рауник.
Инаку, на денешната седница на Совет поминаа и одлуките за определување на просечна цена за утврдување на пазарна вредност на градежно и земјоделско земјиште земјиште за календарската 2024 година утврдена врз основа на извршените купопродажби во претходната година на подрачјето на Општина Охрид, одлуката за определување зони за утврдување на пазарна вредност на недвижен имот (објекти) на подрачјето на Општина Охрид, а донесен беше и локален акциски план за управување со отпад на Општина Охрид за 2024 – 2025 година.
Како дополнителна точка советниците ја усвоија одлуката за утврдување на приоритет на: „Проектот за намалување на загуби на вода со намена и инсталација на мерни инструменти за далечинско отчитување на комплет со инсталација и конфигурација на опрема за отчитување во Општина Охрид“. Со овој проект се очекува значително подобрување на водената инфраструктура во општината.
Н.С.Ј.