Советниците денес ја одржаа 40-та Седница на која беа изгласани 16-те точки од Дневниот ред. Зелено светло беше дадено за одлуките за распределба на добивката остварена во работењето на ЈП Водовод Охрид за период 01.01. – 31.12.2023 година, за утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на административните службеници, давателите на услуги и помошно техничките лица на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, за продажба на движни ствари – возила по пат на електронско јавно наддавање на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид, Одлуката на Училишниот одбор на ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид за усвојување на Извештајот на Комисијата за недвижни и движни ствари, како и за усвојување на Елаборатот за проценка на штети од град во општина Охрид на ден 24.06.2023 година.
Одлуката за отпис, расходување и отуѓување на погребална опрема на ЈП „Градски гробишта“ – Охрид наиде на реакција од страна на советничката од СДСМ, Живка Ангелоска посочувајќи дека не секоја одлука е во наделжност на Советот, но и дека кога веќе носат одлука потребно е да се доволно информирани.
Уште една точка на Дневен ред пред советниците и уште една Одлука која не спаѓа во доменот на надлежности на Советот како орган на Општина Охрид. Со самото тоа што се наведува дека одлуката се носи врз основа на член 11 од Законот за Јавни претпријатија и член 36 од Законот за локална самоуправа без точно да се наведе под кој став, јасно ни укажува дека Одлуката треба да се донесе само затоа што предлагачот односно локалната самоуправа сака да биде така и мнозинство во Советот. Во сите институции во ЈП има органи кои имаат свои права и обврски и кои за својата работа одговараат. Затоа сметам дека не треба да се оптоварува Советот со одлуки кои не спаѓаат во негова надлежност. Кога веќе се гради таква пракса да му се даде на Советот и тоа што треба и нетреба барем да имаме податоци врз основа на кои ќе изградиме ставови. Со материјалот кој ни е даден незнам за што ќе гласате. Има уште една одлука за средно училиште за расходување и воопшто не е иста со претходната бидејќи јасно е наведено во табели што училиштето ќе расходува, посочи Ангелоска.
Директорот на ЈП „Градски гробишта“, Драган Тренески објасни дека станува збор за наследена погребална опрема која била во сопственост на претходното претпријатие „Погребални услуги“.
Таа опрема е оставена на милост и немилост на времето. Значи како директор не можам да се осудам и понатаму да остане таа опрема. Согласно законите за јавни набавки формиравме комисија и решивме дел од таа опрема да расходоваме која беше уништена, а дел да ја ставиме на аукција согласно овластен проценител. Станува збор за погребални ковчези, чаршави, ќебиња, крстови, букви…Минорна е вредноста на овие работи, но како вие како домаќин на претпријатието ќе ја оставите опремата да скапува, додаде Тренески.
Советниците ја усвоија и Информацијата за Физибилити студијата за развој на касарна Охрид во технолошко-рекреативна зона, како и одлуките за поставување урбана опрема и времени објекти и за утврдување на висината на надоместокот (закупнина) за 2024 година во општина Охрид, за утврдување на почетна цена за поставување на урбана опрема рекламни паноа – билборди и информативни табли на канделабри, за поставување урбана опрема – покриени и непокриени шанкови со локации на подрачјето на општина Охрид за периодот 2024 – 2027 година, за поставување урбана опрема – рекламни паноа – билборди и информативни табли на канделабри на подрачјето на општина Охрид за периодот 2024 – 2029 година, за измени и дополнувања на развојната програма за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Охрид за 2024 – 2026 година.
Ангелоска во контекст на одлуката за поставување урбана опрема апелираше да се има предвид естетскиот изглед на градот и да се избегне праксата од минатите години покрај кејот.
Единствено во контекст и иста насока како што веќе една година зборувам, само сакам да апелирам кога ќе ги пополнувате локациите кои се утврдени ве молам имајте го во предвид естетскиот и пред се изгледот на Охрид, за да не ни се случи тоа што ни се случи минатата година и повторно улицата кај кејот да претставува адреналиски парк, а не онака како што треба средено, како што доликува на Охрид, центар за сесловенската писменост. Со оглед на тоа што и градоначалникот на последната седница за советнички прашања даде ветување дека ќе внимава оваа година да не биде како пртеходната и вие како ЈП „Градски пазар“ кое ќе ја спроведува постапката апелирам да биде тоа естетски и добро испланирано и поставено, не преобемно за да не може пешаци да се движат по самата улица, додаде Ангелоска.
Изгласани беа и одлуките за утврдување Нацрт – ДУП за УЗ 12, УБ 13-опфат 2, Oпштина Oхрид, 2022 – 2027, донесување техничка исправка на Детален урбанистички план Урбана заедница 8 Урбан Блок 8.2 – Охрид, Општина Охрид, за ГП 11.3 на КП 11395/1 во КО Охрид 2 / УЕ 8 УБ 8.2 – Охрид / Блок 11, Општина Охрид, донесување урбанистички проект со план за парцелација за промена на границата на ГП 6.5, ГП 6.6 и ГП 6.7 во ДУП за УЗ 10 и УЗ 11, УБ 10.4 и УБ 11.1 Влашка Маала и Градинар, општина Охрид, за донесување урбанистички проект со план за парцелација за ГП 3.71, ГП 3.72 и ГП 3.73 во ДУП за 6-та Урбана заедница, УБ 6.2 опфат 1 во КО Охрид 2, општина Охрид.
Н.С.Ј.