Советот на општина Охрид денеска со 22 гласа ЗА и еден воздржан донесе одлука за подигање на споменик на основачот на Црвениот крст, Анри Денан во Охрид.

Претседателот на Комисијата за урбанизам, Љубомир Чаулев, сугерираше дека Советот треба да прифати само иницијатива за подигање на споменикот на Анри Денан но на  просторот  кај општинската организација на Црвениот крст, која до одделението за урбанизам треба да отвори постапка за добивање градежна дозвола.


Иван Огненов – Лига за демократија

Советникот од Лигата за демократија, Иван Огненов, својата воздржаност од говорницата ја објасни со потребата Советот да го почитува Законот според кој, како што рече, најпрвин треба да се донесе програма за утврдување на спомен обележјата што се предвидува да градат во наредните пет години, а дури потоа да се донесе одлука за поставување на споменик на Анри Денан.

Контра-теза изнесе градоначалникот Петрески кој рече дека „не треба да се прави проблем за споменик кој не го подига Општината туку е донација која Охрид ќе го спријатели со Женева.“

Расправата ја прекина д-р Томе Гиноски кој побара Советот со акламација да ја поддржи иницијативата, по што со 22 гласа ЗА и еден воздржан беше донесена одлуката за подигање споменик на Анри Денан во Охрид.