Игнорантскиот и крајно безобразен однос на ЕВН?

Во една ера на компјутерски технологии и технолошки напредок од невидени размери, кога науката и техниката се во напредок од енормни размери, кога поминале повеЌе од 40-тина години откако човекот се “прошета” по месечината, кога “CURIOSITY” бара траги на живот на стотици илјади киломери оддалеченост од планетата Земја, се сочуваме со една ситуација која што била карактеристична за 19 век. На територијата на Дебрца веќе 7 дена нема електрична енергија. Замислете област со 24 села, каде живеат 4000 луѓе кои што редовно ги подмируваат сметките за потрошена електрична енергија, во 21 век една недела се лишени од “луксузот” наречен електрична енергија. Ако на сето ова се додаде фактот дека цела Дебрца е под снежна покривка од околу 30-тина цм. и дека температурите се далеку под нулата ке се заклучи дека овие 4000 луѓе, претежно стари и изнемоштени се оставени на милост и немилост. Доведени се во ситуација да неможат да се згрејат, да неможат да зготват ручек, да неможат да се видат во мракот.

Од друга страна. г-динот Атанас Ковачевски, инаку портпарол во ЕВН Македонија излегува со соопштение во кое ја смирува јавноста а пред се жителите на Дебарца, наведува дека нема место за паника и дека екипите на ЕВН неуморно и непоштедно, даваат се од себе за да го решат проблемот односно да го отклонат дефектот, но поради отежнатите временските услови, непристапниот терен и бујната вегетација било тешко да се отстрани дефектот! Па добро бе г-дине портпарол, на кого му е гајле за бујната вегетација во с.Песочани?  На кого му е гајле зошто дошло до прекин во снабдувањето со електрична енергија и дали екипите на ЕВН давале се од себе за да го решат проблемот? Алооооо, не вративте во 19-ти век, седум дена немаме струја и точка! Дали конкретнава ситуација ви наликува на нормална ситуација во една земја која што се стреми да влезе во ЕУ, каде што некој ги гарантира основните човекови права и слободи, каде нужните животни потреби на граѓаните им се обезбедени. Зошто не дојдете лично вие да им го објасните ова непосредно на жителите на Дебарца! Да им кажете дека не е голема работа што мрзнат една недела и се лишени од секаква комуникација со останатиот свет. Дека не е ништо што храната и зимниците во фрижидерите се расипуваат и дека поради тоа нема да можат да презимат!

И покрај тоа што жителите најавуваат тужби против ЕВН, никој неможе да ја надомести штетата, како и крајно нехуманите и нечовечки услови во кои што живееме деновиве, а се директно предизвикани од монополот ЕВН. Важно е единствено дека ЕВН е на терен и работи на отстранување на дефектот, засега само со тоа ќе се задоволиме!!!

Стојан Прензоски

советник во Општина Дебарца

*OhridNews ги објавува текстовите во рубриката Писма-Колумни во оригинал како што се испратени и редакцијата не сноси одговорност за содржината на истите.