Советите на општините го реафирмираа барањето, тие да бидат рамноправно застапени во работата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа. На состанокот на Координативно тело на Советите на општините што денеска се одржа во Охрид, претставниците на советите од осумте региони упатија барање до ЗЕЛС да отпочне процедура за измена и дополнување на статутот во насока на афирмирање на Советите како рамноправни органи, обезбедување соодветна партиципација во креирање на заедничка политика во рамките на ЗЕЛС, како и други прашања од делкокругот на функционирање на единиците на локалната самоуправа.
Овој завршен документ ги содржи сите елементи ЗЕЛС да почне да функционира како заедница на локалната самоуправа онака како што треба, изјави Никола Груев, претстедател на Кооординативното тело на Советите на општините. Тој смета дека УО на ЗЕЛС ќе ја прифати идејата за рамноправна застапеност на Советите на општините, за што како што рече има добра воља кај поголем број градоначалници.
Учеството на Советите како граѓански претставници во работата на ЗЕЛС е неопходно бидејќи заедницата е составена од претставници на два органи, градоначалникот и Советот, додаде Груев. Тој појасни дека советите немаат намера да се отцепат од ЗЕЛС туку само бараат рамноправен статус во работењето и одлучувањето.
Состанокот на претставниците Советите на осумте региони во Македонија мина зад затворени врати за да се избегне дополнителниот притисок врз Советите, кој како што велат од Координативното тело е се поприсутен.
Г. Момироски