Пишува:
д-р Билјана Пецакова
Спец. орален хирург
Стоматолошки центар „Д-р Баткоски“

До оралнохируршка интервенција може да дојде од повеќе причини – екстракција на импактиран заб, екстракција на фрактуриран заб, поради имплантирање на дентални импланти и друго. По секоја оралнохируршка интервенција можеат да се очекуваат нелагодност и болка. Оттаму од исклучително значење е како да го забрзаме процесот на заздравување и што да правиме во таква ситуација.

Постоперативен период – брз и безболен
Нормално е регијата (пределот) каде што е интервенирано да биде осетлива неколку дена. Во повеќето случаи оваа нелагодност се намалува со користење на антиинфламаторни и аналгетски средства. Користењето на аналгетици веднаш по завршување на интервенцијата ќе овозможи полесно справување со болката што претстои.

Најчесто практикувани совети по оралнохируршка интервенција кои му помагаат во постоперативниот период на пациентот во секојдневното функционирање:
• Мирување на денот на интервенцијата;
• Апликација на мраз и ладни облоги на лицето во интервали од по 15 минути со паузи, за да се редуцира отокот;
• Спиење на спротивната страна од таа на која е извршена интервенцијата;
• Да се избегнува користење на аспирин и останати антикоагулантни средства бидејќи ќе се продолжи крварењето;
• Да се избегнува вежбање и дигање тегови неколку дена по самата интервенција.

Соодветна нега и хигиена на местото на интервенција:
Следете ги препораките од вашиот доктор во врска со исхраната и напитоците, а доколку крварите задржете се на течна исхрана. Штом престане крварењето, за ден или два можете да јадете и мека храна.

При опоравување по оралнохируршка интервенција се препорачува:
• Да се избегнуваат жешки напитоци;
• Да се избегнува консумација на алкохол поради одложено време на заздравување и интеракција со лековите што се примаат;
• Да се избегнува пушење;
• Да се избегнува конзумирање на тврда и жешка храна;
• Да се конзумира храна богата со витамините А и Ц за побрзо заздравување;
• Вашата уста секогаш да биде чиста;
• Послушајте го советот на вашиот доктор и не се плакнете во првите 24 часа, а потоа за плакнење употребувајте солена вода или раствор од хлорхексидин 4 пати дневно, посебно по секој оброк;
• Секогаш советувајте се со вашиот доктор во однос на четкање на устата и употреба на забен конец и внимавајте на местото каде имало хируршки зафат.

Исто така, доколку пациентот употребува какви било протетски помагала, по хируршка интервенција се препорачува да се направи пауза од 7 до 10 дена.

За лесно опоравување по извршена хируршка интервенција, подгответе се за периодот што следи, во кој е очекувано да имате крварење, оток и болка. Со користење на ладни облоги, соодветен хигиено-диететски режим во постоперативниот период и примена на советите од вашиот доктор, побрзо и поуспешно ќе се опоравите.

OhridNews
Текстот е објавен во летното издание на магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм