На седницата на Советот за безбедност која се одржа денес беа осудени воените дејствија кои Русија ги презема над Украина, кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета. Членовите на Советот констатираа дека безбедносната состојба во земјата е стабилна.
Потребно е надлежните институции да продолжат да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување. На седницата беше информирано дека земјава има доволно стокови резерви и енергенси. Надлежните институции беа задолжени секојдневно да ги следат состојбите, за да се интервенира доколку има потреба, се наведува во соопштението.
Во однос на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, се вели во соопштението дека државата ги презеде неопходните мерки за нивна безбедна евакуација, како и на вработените во нашата амбасада во Киев.
Како НАТО членка, Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците во однос на идните активности кои ќе се преземат од страна на сојузниците. Членовите на Советот беа информирани за активностите кои ги презема Владата, во контекст на пакетот рестриктивни мерки на ЕУ, кон кои се приклучи и Северна Македонија, а кои опфаќаат таргетирани мерки за утврден број лица од политиката и бизнисот кои одиграле улога за настанатата ситуација во Украина. За нив се воведува забрана за патување низ земјите на ЕУ, како и забрана за пристап до финансиските фондови на Унијата, додаваат во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Советот за безбедност упатува апел до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО.
OhridNews