Лавина реакции предизвика неприфаќањето на Предлог одлуката за финансиска поддршка на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, единствена таква во државата. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески рече дека никој не е против Планинската спасителна служба, а со свој став излегоа и советничките групи на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, кои образложија зошто гласаа воздржано на вчерашната седница.
Предлог одлуката не содржеше финансиска конструкција и јасни финансиски показатели во однос на точната намена на средствата кои се бараат да бидат доделени од општинскиот буџет. Претходно, во врска со ова прашање од страна на Општина Охрид се бараа начини да се изнајде правна рамка за средствата кои би биле наменети за функционирање на спасителната служба да бидат предвидени и внесени во некоја од програмите на буџетот, но истото беше невозможно поради законски пречки. – потенцираат од советничката група на СДСМ.
Од страна на Црвениот крст беше објаснета дејноста, организационата поставеност и начинот на функционирање на Планинската спасителна служба, но советниците не добија конкретни одговори за намената на средствата кои би биле доделени од Буџетот на Општина Охрид, односно беше кажано дека средствата ќе бидат наменети за плати и трошоци за плати за лицата кои биле анагажирани во спасителната служба, истакнуваат од советничката група на СДСМ.
Планинската спасителна служба е потребна за нашиот град како туристички центар и има големо значење за развој и унапредување на рекреативниот и алтернативниот туризам. Токму поради овие причини потенцираме дека како советници во Советот на Општина Охрид сме отворени и подготвени за соработка и изнаоѓање на решение кои ќе биде во рамките на правните процедури и законските прописи. – велат од советничката група на СДСМ.
Од Советничката група на ВМРО ДПМНЕ, потсетуваст дека Предлог-Одлуката за обезбедување финансиски средства за функционирање на Планинска спасителна служба и претходно беше ставана на дневен ред на Советот на Општината, па повлечена.
При носење на Буџетот се разговараше и за можноста во буџетот да има посебна ставка за таа намена, за која се докажа дека не постои законска можност. За целиот изминат период и покрај тоа што оваа тема е подолго време актуелна за Советот, не добивме прецизни финансиски показатели за тоа колку чини функционирањето на службата на годишно ниво, што ја чини структурата на трошоците, како и со кој дел би учествувала Општина Охрид во вкупните трошоци и која е структурата на евентуалните други приходи. Никаков пропратен материјал кон оваа Предлог-одлука немаше ниту за вчерашната седница. – децидни се од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Не ја спориме потребата од постоење на ваква служба и среќни сме што благодарение на средствата од европски фондови и Министерство за локална самоуправа овој проект доживеа реализација. Но и покрај тоа, останува императив секој денар на парите од граѓаните, особено во услови на криза во кои живееме, да биде потрошен на законски и транспарентен начин, додаваат од советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Советниците и од власта и опозицијата истакнуваат дека организацијата на Црвен крст Охрид и нејзините проекти во континуитет се поддржувани од Општината и Советот.
OhridNews