„Социјално вклучување и борба против сиромаштија“ е името на проектот за зајакнување на капацитетите на институциите и организациите во борбата со сиромаштијата на локално ниво. Договорот за проекот кој е вреден околу 500 илјади евра, деновиве го потпишаа Министерството за труд и социјална политика и  Институтот за човекови права „Лудвиг Болцман“.

– Проектот има четири компоненти. Првата е мрежно поврзување на сите невладини организации во Македонија. Втората компонента е финансирање на микро пилот проекти во осум општини во земјава. Третата предвидува изготвување на локални акциски планови за борба против сиромаштија, кои треба да бидат усогласени со националната стратегија која се изготвува, а четвртата компоненета ги содржи активностите за одбележување на 2010 година за борба против сиромаштија, рече министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами по потпишувањето на договорот.

Проект менаџерот на Институтот „Лудвик Болцман“ во Македонија Филип Лунтерхоф смета дека на ваков начин ќе се овозможи да се зајакне улогата на сите чинители во борбата против сиромаштијата на локално ниво, со што полесно ќе се допре до ранливите категории.

– Мислиме дека со овој проект ќе овозможи вклучување на сите релевантни фактори на полето на сиромаштијата и социјалната исклученост. Тука мислам на единиците на локалната самоуправа, центрите за социјална работа, невладини организации…, рече Лунтерхоф.

Програмата на проектот ќе биде финансиски подржана од Австриската развојна агенција.

Ohridnews