Претседателот на Социјалдемократската унија (СДУ) Лазар Еленовски, во Охрид, го повтори ставот за самостоен настап на престојните претседателски и локални избори и ја поздрави истоветната одлука на конкурентскиот СДСМ. Во тој чин, Еленовски не гледа опасност за разединување на опозицијата, бидејќи таа и така е разнебитена, оставајќи му простор на ВМРО ДПМНЕ за суверено владеење, кое, пак, како такво, не е имуно од погрешни потези.
   
Лазар Еленовски, говореше на Основачкото собрание на разгранокот на СДУ во Охрид,  прексиноќа, при што нагласи дека, со досегашните омнибус – изборни коалиции, се оневозможува политичката профилација и реалната понуда, на избирачите им се продава политичка магла. Истовремено  многу човек-партии, влегуваат во парламентот и во извршната власт, протежирајќи лични, наместо општествени стремежи и цели.
   
Одлуката на СДСМ, не само поради нашиот претходен став за самостоен настап, туку и поради општо-прифатени принципи во политиката, од сцената ќе симне многу самозададени политички величини и ќе ги постави во реалниот простор, без можност на народот да му се нудат како лажни месии, апострофираше претседателот на СДУ Лазар Еленовски.
   
Еленовски од политичките лидери и реалните политички субјекти во земјата, побара поголема храброст за прифаќање на модел на една изборна единица, што е услов за подобра и реална политичка презентација на граѓаните во законодавната и извршната власт.
   
За претседател на Општинската организација на СДУ во Охрид, избран е Марко Спасески, дипломиран менаџер по осигурување, успешен приватен бизнисмен и познат политички активист и поранешен младински функционер.

Ohridnews