Состојбата со листеријата во Охрид не е алармантна и не постои место за паника, вели Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје Охрид.
Во моментов се врши дополнителна контрола на одредени примероци, а нови лабораториски анализи вечерва ќе бидат испратени во Скопје, информира Точков.
Инаку, во Охрид е регистриран еден случај на пациент кај кого лабораториски е потврдено присуство на бактеријата листерија. Станува збор за 78- годишна жена која по лекувањето во Скопје, е пуштена дома и е во добра здравствена состојба.
Како што веќе информиравме, во Македонија во последните 30 дена беа регистрирани седум случаи кај кои е потврдено присуство на бактеријата Листерија од кои четири завршија со смртен исход.
Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, димена риба и друго. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип. Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови). Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки, воспаление на срцева обвивка , воспаление на зглобови и сл.
Стручните лица препорачуваат дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна, бидејќи летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести, кои се пренесуваат преку храна. Затоа, велат, неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната. Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.
Во летниот период се препорачува избегнување на лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца, како и да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сме сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.
OhridNews
Во Охрид регистриран еден случај на пациент со бактерија Листерија