Нивото на Охридското Езеро е 20 сантиметри над максимално утврдената кота, што е највисок водостој во последните 24 години. Според одговорните од Координативното тело за превенција од природни непогоди, кои денеска ги посетија кризните реони во охридско-струшкиот регион, состојбата е стабилна и под контрола.

– Нема ветер и нема дожд и ситуацијата изгледа мошне посмирена отколку претходните денови кога водостојот беше и понизок. Се прават координирани напори и се балансираат сите активности во врска со испустот на вода од Охридското Езеро, и на тој начин настојувајќи да се оневозможи евентуално поплавување или несакани последици, директно во населените места во охридското крајбрежје, како и долж течението на реката Црн Дрим, истакна првиот човек на Центарот за управување со кризи, Панде Лазаревски.


Локалната самоуправа денеска побара да се зголеми испуштањето на водата од езерото во Црн Дрим и од акумулацијата Глобочица за сметка на производството на електрична енергија. Според Лазаревски тоа не можно затоа што, како што напомена, мора да се има предвид оти Охридското Езеро, заедно со двете акумулации „Глобочица“ и „Шпиље“ преставуваат систем од сврзани садови.

– Станува збор за координирани активности чија цел е да не се доведат во опасност самите населени места на охридското крајбржје и едновремено да не се доведат во опасност населените места долж течението на реката Црн Дрим. Се што се прави е координирано и пресметано и секоја непромислена активност или нешто што би била паушална оценка дека треба да се направи ова или она, може да биде само дел од проблемот не од решението, рече Лазаревски.


Во Дрим денеска се испушта помало количество вода

Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Шабан Салиу, состојбата е под контрола, а на сите критични места  активирани се мобилни екипи кои реагираат секаде  каде има потреба.

Состојбата е најкритична на патот
Дебар-Струга, каде поради излевање на Дрим сообраќајот за патничките возила се пренасочува од Луково
до Прискупштина по локалниот пат во должина од 4 км. Екипи на Дирекцијата за заштота и спасување и на Македонија пат со механизација работат на стабилизирање на состојбата.

Ohridnews