Според полицијата 20-годишниот С.В. и 21-годишниот В.М. се скарале, започнале тепачка и паднале од терасата од третиот кат на хотелот, но за среќа преживеале. Студентите кои инаку биле од Белград завршиле во Општата и Специјалната болница за ортопедија и трауматологија со тешки телесни повреди, но не се во животна опасност.
-Пациентот на 21-годишна возраст кој е примен во нашата билница има сериска скршеница на три ребра од лева страна, скршеница на левиот рачен зглоб и скршеница на карлица. Состојбата до сега е стабилна, пациентот е под терапија, моментално одмара и не се жали на болки, изјави д-р Наум Љатко, анестезиолог во охридската општа болница.
Според организаторот на „Балкан фан“, Немања Стојановиќ и вториот повреден студент е надвор од животна опасност и се очекува во текот на оваа недела и двајцата да бидат пуштени на домашно лекување.
-Покрај добрата забава што ја имаме тука во Охрид за жал се случи инцидент во кој двајца студенти од Белград се повредени. Според наши сознанија помеѓу студентите кои инаку се другари и беа сместени во заедничка соба дошло до кошкање при што се препнале и паднале преку терасата, истакна Стојановиќ.
Тој изрази жалење за инцидентот за кој се надева дека нема да ја загрози манифестацијата на која учествуваат околу 700 студенти од Србија.