Пациентот од Охрид кај кој е дијагностициран корона вирус е во добра општа здравствена состојба, изјави  попладнево на прес конференција на прашање на OhridNews заменик министерот за здравство Арбенд Аслани. Запрашан дали заболениот бил во самоизолација, колку ја почитувал мерката и што се презема во врска со овој случај, Аслани истакна дека случајот внимателно се следи и се постапува според стручната проценка на епидемиолошките служби.

Ние ги имаме сите информации на располагање и преземени се сите мерки од аспект на тоа како да се постапува во конкретниот случај во согласност со епидемиолошките проценки. Во контакт сме со локалниот Центар за јавно здравје и во координација со Институтот за јавно здравје секојдневно разменуваме информации. Во конкретниот случај сите се контактирани и преземени се соодветни мерки, а во однос на почитувањето на самоизолацијата нашите служби работат на тоа и се преземaaт мерки. – изјави Аслани.

Според соседите, заболениот, кој живее во густо населена населба во градот, наводно неодамна се вратил од  Италија – земја која е меѓу најголемите жариште на коронавирус во Европа и светот во овој момент. Тие тврдат дека го виделе во неколку наврати како се движи надвор, вози велосипед и пазарува. Велат дека се загрижени за своето здравје и апелираат до полицијата да ги засили контролите и одлучно да постапува во случаите на непочитување на мерките за превенција од коронавирусот, а надлежните здравствени служби да извршат соодветно тестирање на сите кои евентуално биле во контакт со заболениот.

Г.М.