Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата и Законодавно правната комисија.
Утврдување предлог-одлука за избор на претседател, членови и нивни заменици на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, е единствената точка по која ќе дискутираат членовите на Комисијата за изборите и именувањата.
Одговорност за случајот со онкологија ќе има и одговорните за евентуална злоупотреба ќе бидат изнесени во јавноста со име и презиме, истакна вчера заменик министерката за здравство Маја Манолева одговарајќи на прашање на пратеникот Петар Ристески ВМРО – ДПМНЕ.
Заменик министерката Манолева кажа дека постапката со случајот на онкологија не е завршена и согласно тоа неможе да се даваат квалификации дека никој за ова нема да одговара.
Во секојдневната комуникација и Министерството за здравство и Клиниката за онкологија соодветно соработуваат и ги доставуваат сите потребни податоци на Министерството за внатрешни работи и на Јавното обвинителство, кои се побарани од нас. Апелираме до овие институции случајот што побрзо да го разрешат за да немаме вакви несоодветни квалификации. Ова ќе биде во интерес пред се на нашите пациенти, бидејќи би сакала да апелирам и да кажам дека не треба да се изнесуваат неточни наводи дека во моментот се искористуваат починати пациенти за злоупотреба на лекот, истакна Манолева.
На дневниот ред на Законодавно – правната комисија се Предлог – одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, по скратена постапка.
OhridNews