Во Охрид, зад затворени врати, почна состанокот во рамки на заедничката Реактивна мониторинг мисија на УНЕСКО во која се вклучени претставници од Центарот за меѓународно наследство и советодавните тела, со претставници на македонската влада и локалната самоуправа. Под лупа на состанокот е досега исполнатото од барањата на Реактивната комисија на УНЕСКО од 2017 година.
Претставниците од невладините организации и еколошки друштва, кои исто така учествуваат на средбата, се децидни дека надлежните досега не исполнале ниту едно од барањата на УНЕСКО, особено во делот на справувањето со нелегално изградените објекти.
- Иако имаме регистри на дивоградби, решенија за рушење, ниту една дивограба не е во целост отстранета. Тоа значи дека нема вистинско решение за проблемот. Упорно се одлагаат роковите и се дава време кое е одамна истечено за спасување на регионот. Привидно се прави нешто, а во релноста сите гледаме дека ништо не е исполнето од наложеното. И понатаму се загрозува нашето единствено светско наследство, неговата автентичност и интегритет, што се надеваме ќе престане, вели Драгана Велковска од Граѓанската иницијатива Охрид СОС и Здружението за заштита на животни и животна средина Еден.
Претставниците од невладините организации и понатаму на став дека Природното и културното наследство на Охридскиот регион треба да се стави на Листата на загрозено светско наследство. На тој начин, сметаат тие, ќе се добијат потребната стручна помош и средства за справување со проблемите.
Од друга страна, владата смета дека добар дел од барањата на УНЕСКО се исполнети. Тоа е содржано и во Извештајот за степенот на реализација на препораките и преземените активности за зачувување на статусот УНЕСКО – Светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион, што владата го усвои ден пред посетата на претставниците од УНЕСКО, а ќе им биде презентиран на денешниот состанок.
Во него се наведува дека е донесен Планот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот регион (2020-2029) и е спроведена и Стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и културното наследство. Изработен е инвентар на бесправно изградени објекти на територијата на Охридскиот регион со што се остварени предусловите да се премине на изработка на Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и Оценка на влијание на културното наследство (ХИА). Дополнително, отпочната е санацијата и рехабилитацијата на колекторскиот систем на Охридското Езеро.
Претставниците од УНЕСКО во охридско- струшкиот регион се во дводневна посета. Денес го посетија НП Галичица, а за утре е предвидено разгледување на Охрид и Струга, во насока на утврдување на досега спроведените препораки од Реактивната мисија на УНЕСКО. Заклучоците од посетата ќе бидат содржани во извештајот на Комитетот за светско наследство кој ќе биде изготвен по истекот на дополнителниот рок кој им беше даден на македонските власти за исполнување на препораките, а завршува во февруари.
OhridNews