Во Охрид денеска се одржа првиот состанок на Мешовитиот комитет на Централно Европскиот договор за слободна трговија-ЦЕФТА со кој оваа година ќе претседава Македонија.

На средбата во Охрид посебно се разговара за донесување на потребните правни и деловни акти на секретарјатот на ЦЕФТА, одредување на седиштето на организацијата и за формирање на работните поткомитети.

На средбата покрај претставниците на шесте членки на ЦЕФТА, Македонија, Албанија, Хрватска, БиХ, Молдавија и УНМИК-Косово, присуствуваат и претствици на идните членки Србија и Црна Гора, како и претставници на меѓународната заедница.

Според Ерхад Бусек Специјален претставник  на Пактот за стабилност, потпишувањето на ЦЕФТА договорот двојно  ќе ја зголеми меѓусебната размена на земјите од регионот  и ќе отвори можност за поголема трговска соработка со земјите од надвор.

Претходно имавме 28 билатерални договори помеѓу земјите од регионот, а сега имаме еден договор за слободна трговија за целиот регион и тоа е првиот чекор кон формирање заеднички пазар на Европската унија, рече  Бусек.

Запрашан дали нерешените политички прашања во регионот можат да влијаат на економската соработка, Бусек рече дека Косово и Умник се партнери во ЦЕФТА и нема  смисла Косово да претставува црна дупка на картата и тоа мора да се интегрира во регионот, а проблемот тој не гледа ниту во спорот со името на државава бидејќи како што рече тоа и досега не беше проблем да се зголеми меѓусебната размена помеѓу Македонија и Грција.

„Економијата, трговијата и бизнисот создаваат нови можности и понекогаш треба време за да се прифати таа реалност“, рече Бусек.

„Шест земји веќе ја применуваат ЦЕФТА, а очекуваме наскоро да ни се приклучат и Србија и Црна Гора, а со проширувањето на ЦЕФТА перспективите на Македонија како мала земја се зголемени бидејќи ќе имаме поголем економски пазар, истакна министерката за економија на Р. Македонија, Вера Рафајловска. ЦЕФТА претставува прв чекор кон интегрирањето на регионот во ЕУ, истакна Рафајловска која најави дека во ноември состанок ќе одржат премиерите од земјите членки во ЦЕФТА.

ЕУ е директно заинтересирана за успешно имплементирање на овој договор и го подржува не само финансиски, изјави евроамбасадорот Фуере, кој смета дека неговата примена ќе зависи од соработката меќу самите земји во регионот.

ЦЕФТА всушност претставува подготовка на регионот за влез во ЕУ, додаде Фуере. Според него битна е и политичката стабилност на регионот, бидејќи без тоа како што истакна нема успешен економски равој.

Г.М.