Во судскиот процес  против Лазе Радески што се води во Основниот суд во Охрид денеска беа сослушани првите сведоци.

Ненад Трајчески сопственик на продавницата за компјутери „Домино Компјутери“ која се наоѓа во близина на дуќанот „Грини“ сведочеше дека критичниот ден во дуќаните снабдувањето со електрична енергија било нормално. Тој рече дека вечерта околу 21 ч. кај него дошол зетот на обвинетиот,  Ацо Стојаноски и го прашал дали снемало струја во текот на денот.

Трајчески сведочеше дека често бил замолуван да ги брише фолдерите од компјутерот во „Грини“ кој снимал видео материјал од сигурносните камери, за да се ослободи место во компјутерот за повторно снимање. Запрашан дали постои можност да се вратат снимките тој рече дека за тоа постојат посебни програми  но не знае  дали е тоа направено во случајот.

Пред судот денеска во својство на сведок се појави и Лазо Кочоски, вработен во менувачницата во која Трајче Цоцески бил непосредно пред да исчезне. Тој кажа дека со Цоцески разговарале вообичаено и дека тој му кажал дека ќе оди да му однесе 1000 долари на некој човек кој неколку дена одбегнувал да си ги земе парите. Сведокот рече дека Трајче никогаш не земал однапред пари за услугата и дека доларите требало да ги наплати.
 
Адвокатите на семејствата на убиените продавачи на девизи денеска најавија дека ќе побараат замрзнување на целокупниот имот на Лазе Радески од кого на име отштета тие бараат милионски суми. Лазе Радески е обвинет за убиство на Трајче Цоцески, Спиро Ставрески и Раим Ракип-сите продавачи на девизи.

OHRIDNEWS