Француската финансиска групацијата „Сосиете женерал“ ја купи „Охридска банка“. „Сосиете“ откупи вкупно 51,26% од акциите на „Охридска банка А.Д. Охрид“, односно 165.334 обични акции по цена од 8.157 денари по акција.
Преземањето на мнозинскиот пакет акции на „Охридска банка“ од страна на француската банка „Сосиете женерал“ го објави на прес-конференција премиерот Никола Груевски во присуство на директорот за развој на меѓународно банкарство на „Сосиете Женерал“ Филип Жан и министрите од економската сфера.
„Очекуваме влезот на „Сосиете женерал“ да доведе до зајакнување на конкуренцијата и зголемување на обемот и квалитетот на услугите на финансискиот сектор, но и влез на многу компании од и надвор од Франција со оглед на тоа што е присутна во 80 држави во светот“, истакна премиерот Груевски.
„Сосите“најави дека покрај постојните 13 филијали во наредниот период планира да отвори филијали и во сите градови во земјава со над 25.000 жители, а во наредните две до три години бројот на вработени во Охридска да се зголеми од 185 на 500. „Банкарскиот сектор во иднина ќе се дели на два периода, пред и по влезот на „Сосиете“, која ќе воведе нови стандарди и услуги и нов однос кон работата“, рече премиерот Груевски.
Директорот за развој на меѓународно банкарство на „Сосиете“ Филип Жан најави дека бизнис планот банката ќе биде објавен по 20 април, кога официјално ќе биде преземена Охридска банка.
„Сосиете женерал“ има актива од еден трилион долари и 120.000 вработени во повеќе од 80 земји во светот. Минатата година има остварено приходи од над 64 милијарди долари и профит од 5,5 милијарди долари. Во 2006 година е рангирана на 67-мо место на Fortune globa 500 листата на која се рангирани најдобрите компании во светот, а годинава Fortune ја прогласи за деветта најпривлечна банка во светот.