Француската финансиска групација Сосиете Женерал со соопштение издадено од централата во Париз информира дека го изврши Договорот за јавна понуда со група акционери кои претставуваат 53% од капиталот на Охридска банка а.д.
– Во согласност со правилата за преземање во Македонија, Сосиете Женерал ќе даде јавна понуда за откуп на 100% од капиталот на Охридска банка со понудена цена од 8.157,96 МКД (133.30 ЕУР) по акција, за вкупна противвредност од 43 милиони евра. Понудата за откуп ќе биде успешна ако најмалку 51% од обичните акции на Банката се продадени на Сосиете Женерал од страна на акционерите на Охридска банка во рамките на оваа понуда за откуп, се наведува во соопштението доставено во Македонија од адвокатската канцеларија „Марковска&Андревски“.
Подетални услови на понудата ќе бидат содржани во документот на понудата кој ќе се објави во согласност со важечките македонски правила за преземање. Оваа трансакција, како што се посочува, е во линија со развојната стратегија на Сосиете Женерал како еден од главните играчи во универзалното банкараство во Југоисточна Европа. По завршувањето на оваа трансакција, Охридска банка ќе се придружи на веќе постојното регионално присуство на Сосиете Женерал во Србија, Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Сосиете Женерал е една од најголемите групации за финансиски услуги во евро-зоната. Групацијата има 120.000 вработени низ светот во три клучни бизниси: – Банкарско работење на мало и Финансиски услуги, Глобален Инвестиционен Менаџмент и Услуги и Корпоративно и инвестициско банкарско работење, стои во соопштението од Сосиете Женерал.