Европската банкарска групација Сосиете Женерал денеска соопшти дека се уште нема донесено дефинитивна одлука да ја преземе Охридска банка АД Охрид, но потврди дека има интерес за стекнување на 100 отсто од капиталот со право на глас во Банката.
– Ние исто така потврдуваме дека преговорите меѓу двете банки продолжуваат и дека ако Сосиете одлучи да продолжи со аквизицијата на Охридска банка, тоа ќе го направи преку понуда за преземање во согласност со македонскиот Закон за преземање, се наведува во соопштението.
Во седиштето на „Охридска банка“ во Охрид, денеска зад затворени врати продолжиа директните преговори за продажба на “Охридска“. Преговорачкиот тим на “Охридска“ го предводи претседателот на Управниот одбор, Радко Черепналкоски, а во име на Сосиете преговара тричлен тим.
Други детали за текот на финалните преговори што започнаа вчера не се соопшуваат. Како што бевме информирани од службите на Охридска банка, преговарачките страни потпишале таканаречен договор за тајност, кој ги обврзува да не објавуваат никакви информации во јавноста се додека преговорите не завршат.
Охридска пред два дена, соопшти дека е формиран акционерски пакет од над 51% кој ќе биде понуден на продажба, за што банката со соопштение ја информираше македонската берза. Според неофицијални информации една акција „Сосиете“ ќе ја плаќа по фиксна цена од 8.160 денари. Во купопродажниот договор биле утврдени и други детали, свеж капитал од 30 милиони евра, ширење со експозитури и 300 нови вработувања.
Иако е неизвесно кога точно двете страни ќе го потпишат договорот, се очекува преговорите да завршат во наредните неколку дена. Најавите се дека претставниците на “Сосите женарал“ денеска ќе се сретнат со гувернерот на Народната банка, Петар Гошев. Светски реномираната банка ,“Сосиете женерал “, постои 140 години, има свои претствништва во 76 земји со вкупно 103.000 вработени.