Француската групација Сосиете Женерал доби дозвола од Комисијата за хартии од вредност за давање понуда за откуп на обичните акции издадени од Охридска банка АД Охрид.
Дозвола на Сосиете Женерал за давање понуда за откуп на обичните акции издадени од Охридска банка издаде денеска Комисијата за хартии од вредност (КХВ).
Понудата за откуп на акции е упатена до сите иматели на обични акции од Охридска банка, односно за 322.549 обични акции се вели во соопштението на КХВ.
Понудата ќе се смета за успешна доколку Сосиете Женерал откупи најмалку 51% од вкупниот акционерски капитал на Охридска банка, односно 164.500 обични акции.
Со оваа одлука на КХВ, исполнети се условите за отпочнување со реализација на понудата за откуп, а сега останува акционерите во Охридска банка поединечно со писмена изјава да се изјаснат дали ќе ја прифатат понудата на Сосиете Женерал
КХВ смета дека влезот на странски инвеститор како што е Сосиете Женерал е потребен за Македонија и е во интерес на граѓаните и на компаниите.
Францускиот банкарски гигант со 120.000 вработени е една од водечките банки во светот. Во соопштението се наведува дека е потенцирано оти станува збор за бренд што е присутен во 80 земји низ светот и е една од водечките банки во Европа. Во земјите од регионот има свои подружници во Словенија, Србија, Бугарија, Црна Гора, Романија и во Грција