Сите предвидени проекти во рамки на националниот парк Галичица ќе уништат ретки и уникатни примероци на флора и фауна, а претставуваат огромна закана и за опстанокот на Охридското Езеро, потенцираат од СОС Охрид по одржаната јавна расправа за новата ревидирана Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) на новиот Нацрт-план за управување со НП Галичица во периодот 2011-2020.

Би сакале да го изразиме нашето огромно незадоволство бидејќи и покрај тоа што во ревидираната СОЖС во повеќе наврати се препорачува да не се гради во националниот парк, односно градежни активности во националниот парк да бидат последна опција, со мастер планот за изградба на ски-центарот Галичица се предвидени градежни активности токму во сегашната заштитена зона на активно управување. Со цел да се овозможи изградба на ски центар и пат во НП Галичица, планирано е деградирање на заштитата на 604 хектари заштитено подрачје во националниот парк од зона за активно управување во зона за одржливо користење, велат од СОС Охрид.   

Оттаму додаваат дека најзагрижувачки е што со тоа ќе се загубат над 80 хектари македонски  даб, директно ќе се загрози статусот на светско и културно наследство под заштита на УНЕСКО, а ќе се придонесе и кон уништување на напорите на локалните туристички асоцијации кои со години наназад промовираат алтернативен туризам, како и кон неповратно уништување на ендемични и заштитени животински и растителни видови.

Од СОС Охрид потенцираат дека поради поврзаноста на планината Галичица со Охридското Езеро преку подземни и надземни води, не може да се игнорира ниту влијанието кое градежните активности ќе го имаат врз опстанокот на езерото. Укажуваат  и на тоа дека доколку за потребите на најавениот Ски Центар на Галичица се произведува вештачки снег тоа ќе има негативно влијание врз повеќе видови флора во националниот парк како и врз водите/хидрологијата на Охридското Езеро.

Активистите од Охрид СОС прашуваат дали реализацијата на најавените проекти вредат толку многу со оглед на, како што потенцираат, енормните негативни последици по природата, туризмот и економијата и квалитетот на животот во Охрид кои што би следувале.

OhridNews