Вчера усвоената одлука на советот за утврдување на услови за начинот на градење во  Лагадин, што според опозицијата во советот, отвара пат за изградба на најавената медитеранска плажа, се коси со низа законски одредби од домашното и меѓународно законодавство, велат од Граѓанската иницијатива СОС Охрид.

Од СОС Охрид потенцираат дека секретарот на општината, во изјава за медиуми изјавил дека планот иако е во поодмината фаза на усвојување и одобрување, т.е. „претходно бил усвоен од сите надлежни институции вклучувајќи го и Министерството за животна средина“, истиот „сè уште не е јавно објавен“, односно сè уште не е достапен за увид ни на локалната самоуправа, која требало да почека прво да се одобри решението за градба.

Спасески изгледа не е свесен дека оваа негова изјава е јавно признание за целосно прекршување на член 4 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање каде што експлицитно е наведено дека начелата во процесот на планирање и уредување на просторот налагаат, меѓу другото, јавност во постапката за донесување и спроведување на планската документација. Ако локалната самоуправа нема право на увид во планот сè до негова реализација, тогаш кои се тие „надлежни институции“ кои имаат? Планот за новата плажа, според оние бегли и скудни прикази кои ги имаме видено во јавност, се протега на подрачје со 500 метри појас трска – трската е место каде што се гнездат лебедите, симболот на Охрид и каде што се мрести далекупознатиот охридски крап. Доколку ја снема трската, научници од Хидробиолошкиот институт тврдат дека постои реален ризик лебедот засекогаш да го напушти Охридското Езеро како екосистем, а крапот да се доведе до степен на загрозен вид. Со ова целосно се игнорираат препораките од УНЕСКО со чиишто канцеларии сме во постојана комуникација и со жалење ви соопштуваме дека доколку се продолжи со вакви безумни „проекти“ постои вистинска можност Охридското Езеро да се смести на листата на загрозени подрачја на светско и културно наследство, што е еден чекор до бришење на локацијата од списокот со подрачја заштитени од оваа организација, велат од СОС Охрид.

Оттаму додаваат дека реализацијата на проектот, е во спротивност и со Законот за управување со светско природно и културно наследство во охридскиот регион и бараат објавување на мислењето од страна на Комисијата за управување со светско природно и културно наследство во охридскиот регион како и на мислењето добиено од Министерството за животна средина (Одделението за природно и културно наследство) по однос на планот за Лагадин.

Противзаконски се платформите што се планира да се инсталираат внатре во езерото – Законот за заштита на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро вели дека ваквата активност ќе значи директно прекршување на целите за заштита на езерата од член 3 од овој закон. Во член 7 од истоимениот закон се вели дека заради заштита на езерата се забранува внесување материи и предмети што можат да предизвикаат морфолошки промени на езерата. Бројни домашни и меѓународни студии потврдуваат дека зголемениот и неконтролиран антропоген притисок врз езерото сè повеќе ја интензивира неговата еутрофикација (претворање во мочуриште). Планот за проектот „медитеранска плажа“, односно морска плажа на езеро, во целост го прекршува Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министри на Република Албанија за заштита и одржлив развој на Охридското Езеро и на неговиот слив. Повеќе од очигледно е дека ова значи нарушување на добрососедските односи со Р. Албанија, велат од СОС Охрид.

Наведуваат дека со проектот „медитеранска плажа“ во Лагадин се прекршуваат и бројни конвенции, меѓу кои Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, Конвенцијата за биолошка разновидност на ОН, Конвенцијата за заштита на водните живеалишта со меѓународно значење за заштита на водните птици.

Најпарадоксално од сè е што жителите, односно сопствениците на имоти во МЗ Лагадин, во безизлез потпишаа приговор против градењето на ваква плажа. На приговорот се собраа 200 потписа, а од сите жители во Лагадин не потпишаа само двајца. Комплетната документација заедно со сите потписи (мај 2015 г.) и барање за увид во планската документација за плажата (септември 2015 г.) се достави до општина Охрид, но оттаму не беше добиен никаков одговор, по што беше испратена претставка до Државниот управен инспекторат поради противзаконското молчење на администрацијата. Јавноста, иако неповикана (што, нагласуваме, е комплетно незаконски), самата се наметна да даде свое мислење и да ја заврши работата на „институциите“, но и покрај сите напори, од „надлежните“ немаше никаква повратна реакција. Единствениот аргумент со кој се служат пропонентите на овој проект е дека морската плажа на езеро ќе го поттикне туризмот и ќе ја заживее економијата во Охрид. Но, токму оние на кои тоа им е работа во Охрид – туристичките кластери и туристичките асоцијации – го тврдат спротивното. Така на пример, официјални претставници од најголемиот туристички кластер во РМ, туристичкиот кластер на југозападна Македонија „ЕДЕН“, гласно и остро се противат на овие неприродни и застарени модели на „елитистички“ туризам за кои во Охрид ниту има услови ниту има место, наведуваат од Граѓанската иницијатива СОС Охрид.

Од СОС Охрид потенцираат дека ваквата реакција на одлуката на советот е поддржано од: Месна заедница Лагадин, Здружение за заштита на животните и животната средина „ЕДЕН“ и Фронт 21/42.

OhridNews