Расте притисокот за урбанизација на просторот околу Студенчишко блато каде во голем дел има приватни имоти. Сопствениците на земјиштето во У.З. 17.1 и Месната Заедница од Рача се согласуваат и ја поздравуваат иницијативата за урбанизација на овај дел од Охрид. Тие тврдат дека на тој простор нема ниту „б“ од блато и го поддржуваат носењето на нов Генералент урбанистички план за овој дел од Охрид , затоа што со сегашниот кој е донесен во 2006 година, нивните имоти биле блокирани во однос на остварувањето на права за градба.
-Затоа што на тој простор некогаш постоело блато со сегашниот Генерален урбанистички план, е предвидена строго заштитена зона иако години наназад не станува збор за постоење блатен простор. Ние до сега неосновано на 80 % од површината не можеме да ги остваруваме нашите права за градба иако станува збор за наш лични имоти. Факт е дека на овој простор блато од многу одамна не постои, оној мал дел за кој се вели дека е Блато е само ревитализација на некогашното блато. – се вели во дописот на сопствениците на земјиштето во У.З. 17.1 и Месната Заедница од Рача.
Повикувајќи се на денешната јавна расправа, тие укажуваат дека станува збор за површина од околу 70 хектари во која најголем дел е во приватна сопственост на жителите на населба Рача.
-На тие имоти нема никаква појава од блато но заради законот со кој целата површина од каналот кај Хидробиолошки завод до реката „Рача“ беше прогласена за заштитена зона ние немавме право на градба и урбанизација на нашите приватни имоти за кои уште еднаш ќе напоменеме дека зафаќаат околу 50 хектари и таму нема блато.- се вели во дописот.
Сопствениците на земјиштето во У.З. 17.1 и Месната Заедница од Рача велат дека во изминативе 30 години блатото е деградирано и уништено.
-Пред 30 години тука се изгради постоечката пешачка патека и од тогаш во континуитет сите изминати години тука се депонираше градежен отпад. Па би сакале да ги прашаме еколошките друштва каде беа тогаш да го заштитат блатото? – стои во соопштението на сопствениците на земјиштето во У.З. 17.1 и Месната Заедница од Рача.
Екологистите велат дека со години се укажува на уништувањето на блатото и предупредуваат дека доколку тој процес продолжи и понатаму, овој значаен еко систем и живеалиште на бројни видови флора и фауна може да исчезне.
-Студенчишко блато и ден денес се деградира. Таму се одлага најразличен отпад кој ги загрозува каналите од блатото во кои може да се забележат и нафтени деривати со што зе загрозува животната средина.-вели Климент Арнаудов од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ која се залага за заштита на Студенчишко блато.
Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод потсетува дека Македонија е потписник на бројни меѓународни конвенции за заштита на природата кои ја обврзуваат да се грижи за живиот свет и животната средина.
–Дали при изготвување на планот се водело сметка за конвенциите за заштита на животната средина чиј потписник е Република Македонија? Се планира мешана намена на просторот, се гради и рекреативна патека без канали за комуникација на блатото со езерото, иако согласно закон на 50 метри од него не смее да има цврста градба.- забележа Талески.
Од јавното претпријатие Водостопанство Охридско Езеро, на денес одржаната јавна расправа за ГУП за Охрид 2014 – 2024, истакнаа дека на барање на Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање изготвен бил план за одводни канали за поврзување на Студенчишко блато со Охридското Езеро.
Дискутант на јавната расправа, најави дека своите забелешки на измените во ГУП-от за Охрид 2014-20124, покрај на надлежните институции во законска форма, ќе ги достави и до ЕУ и УНЕСКО.
Измените на ГУП-от опфаќаат над 230 хектари земјиште од повеќе урбани заедници во општина Охрид, меѓу кои и У.З. 17.1 во која спаѓа Студенчишко блато. Според предлагачот на планот, У.З. 17.1 се протега на нешто над 70 хектари, од кои блато или државен имот се околу 13 хектари, а остатокот се приватни имоти. Од општина Охрид велат дека согласно препораките на владата, ќе се утврдат границите на остатокот од Студенчишко блато со цел негова ревитализација и заштита, а за останатиот дел од У.З. 17.1 предвидена е мешана намена, односно изградба на комерцијални објекти, хотели и други содржини
OhridNews