Сопственикот на Манчестер сити, шеикот Мансур, ќе ги покрие трошоците за патот до Порто, за сите 6.000 навивачи, кои поседуваат билети да го бодрат својот клуб во „англиското“ финале од Лигата на шампиони против Челзи на 29 мај.

Дополнителните трошоци предизвикани од задолжителни тестови за Ковид-19, како и зголемените цени на авионските билети, го направија патувањето до Порто невозможно за многу навивачи кои имаат билети за финалето. Поради тоа, шеикот Мансур одлучи да ги намири патните трошоци и трансферот од аеродромот до стадионот, соопшти Манчестер сити.

Гвардиола и екипата имаа исклучителна сезона и нивниот пласман во финалето на Лигата на шампиони претставува историски момент за клубот. Затоа е од исклучителна важност што поголем број навивачи да имаат можност да присуствуваат на овој посебен натпревар, особено оние кои толку многу години го поддржуваат Манчестер сити и во добро и во лошо, изјави шеикот Мансур за клупскиот сајт.

Навивачите ќе патуваат на денот на финалето со посебни авиони и ќе се вратат дома веднаш по натпреварот. Самите ќе мораат да ги платат тестовите за коронавирус.

OhridNews