До 12 часот, во Македонија има вкупно 26 заболени пациенти со коронавирус. Утрово се тестирани 10 пациенти, а позитивни се тестовите на тројцата пациенти кои се тестираа на клиниката „Жан Митрев“, чии тестови се потврдени и од Институтот за јавно здравје, информира на прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.

  • Станува збор за пациенти од Скопје. Еден кој имал симптоми една недела поради што неговите контакти се евидентирани и сега се изработуваат тестовите на членовите на семејството. Другите две лица се сопружници кои биле во Бугарија и во земјава се вратиле пред неколку денови. Вчера член на семејството ги однел материјалите за проверка во клиниката „Жан Митрев“. Првиот пациент  е сместен на Инфективната клиника во Скопје. Сопружниците сеуште се на домашно лекување, но денес ќе бидат префрлени на клиниката за инфективни болести, изјави министерот Филипче.

Се проверуваат и сопатниците на жената која со авион ноќта на 12 март допатувала од Виена, а е позитивна на коронавирусот.

Од заболените вкупно 26 пациенти, 17 се во Скопје, 9 во Дебар.

Министерот Филипче потенцира дека епидемијата е во силен ек и дека е очекувано во наредниот период бројот на заболени да се зголемува. Затоа повторно апелира до граѓаните за строго придржување до препораките на владата за спречување на ширење на коронавирусот.

Т.К.