Немилите сцени на трибините во последниот 1/4 финален дуел меѓу Лирија – Куманово остави неизбришлив белег на завршницата од Купот на Македонија. Натпреварот беше прекинуван неколку пати, а со помош на полицијата навивачите на двете екипи беа отстранети од салата. По неколку часовно играње, на крајот од мечот на победа се радуваше тимот на Куманово, но Кошаркарска федерација на Македонија со соопштение излезе во јавноста :

Јавно ги осудуваме сите
немили настани кои се случија на Куп-натпреварот помеѓу Лирија и
Куманово и кои немаат ништо заедничко со спортот. Напорно работевме
заедно со клубовите, посветивме сериозно внимание, но сета превенција се
покажа дека не беше доволна.
 

Ригорозно ќе се спротиставиме на сите вакви следни проблеми, кои
несомнено ќе ги има затоа што живееме во време полно со тензии. Но, нема
да потклекнеме и да ја прегазиме кошарката. Спортот е нешто свето и
сите ние заедно го градиме со многу труд, енергија и емоции. Арената
„Борис Трајковски“ е арена за спорт и ќе остане само за спорт. Секој
залутан кој ќе дојде и ќе мисли дека ќе може да ја злоупотреби за други
цели, се лаже дека ќе му овозможиме место за егзибиционизам. На секое
националистичко навивање, на секое непочитување и навредување на
противникот, ќе има празнење на сала. Повторно и повторно додека не
сфатат дека за тоа што го прават, нема место во кошаркарските арени.

Им
благодариме на припадниците на МВР за асистенцијата при спроведување на
пропозициите, благодариме на управите на двата клуба, кои направија
максимални напори да не дојде до поголеми инциденти.

Им се
извинуваме на сите вистински љубители на спортот и во исто време им
благодариме за трпението што останаа до крајот и го проследија овој
извонреден кошаркарски натпревар. Токму заради таквите љубители на
спортот, имаме обврска да ја заштитиме кошарката од оние кои сакаат да
ја злоупотребат. Ние немаме друг избор, ниту моќ, освен на ваков начин
да се бориме против оние кои не му мислат добро на спортот. И
Федерацијата и клубовите станаа заложници на одредени поединци, но се
надеваме дека со упорност ќе успееме да го заштитиме она што ни е
најважно, кошарката –
стои во соопштението од Кошаркарска федерација на Македонија.

Мх.П.