Сообраќајот и ложиштата со цврсто и течно гориво предизвикуваат најголемо загадување на амбиентниот воздух во Охрид. Загадувањето е најочигледно во текот на зимските месеци во Охрид кога всушност имаме и надминувања на прагот, вели Јасминка Момироска од Одделението за заштита и влијание врз животната средина при Општина Охрид на денешната јавна презентација и расправа за Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух за Општина Охрид.
Потенцира дека заклучоци во врска со начинот и изборите на загадување на амбиентниот воздух во Општина Охрид се донесени врз основа на предходно направени анализи за квалитетот на амбиентниот воздух, земајќи ги во предвид и Б интегрирани еколошки дозволи, еколошките елаборати издадени од страна на Одделението за заштита и влијание врз животната средина, како и врз основа на претходно изработениот Катастар на загадувачи за животна средина за Општина Охрид.
Законски за прагот на надминување на квалитетот на амбиентниот воздух, на пример, за ПМ 10 честиците е 50µg/m3. Во Општина Охрид изминатата година имало надминувања на овој праг 36 пати, а дозволено е 35 пати. Од индустријата нема големо загадување, според елаборатите, според Б интегрираните дозволи тие се контролирани загадувачи. Најголемото загадување е од сообраќајот и од греењето што е најмногу видливо во зимските месеци. Надминувањата на прагот во Општина Охрид се всушност часовни надминувања, не се целодневни. Најчесто се во вечерните часови кога најмногу се вклучува греење, кога е најстудено. За таа цел се изработува и овој Акционен план за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух во кој се предвидуваат низа мерки за подобрување, вели Момироска.
Во однос на мерките, потенцира, влегуваат субвенционирање на граѓаните за купување на клима уреди, што подразбира замена на топлење на црвсти фосилни горива со некои други алтернативни начини на загревање на домовите. Предвидена е и мерката за одбележување на Денот без автомобили, 22 септември, со затворање на градски улици и користење на други превозни средства.
Ова е голем проблем кој треба да се реши за заштита на животната средина и воздухот, а за да биде воздухот чист мора да се решат сите еколошки проблеми во сливното подрачје на Охридско Езеро вели екологистот Лазо Наумоски.
Еден проблем е депонијата Буково во која не се преработува материјалот. Во ваквите депонии каде не се преработува материјалот свесно се палат за да се намали масата за да може да се носи друг отпад и да се складира таму. Но, кога ќе изгори материјалот тука и ќе се направи големо чадење се загадува воздухот. Ова е огромен проблем. Мора да се преземат многу работи. За да биде поднебјето богато со кислород мора да се заштитат шумите. Јас побарав во сливното подрајче на Охридско Езеро шумите да се прогласат за заштитени шуми, шуми за посебни намени. Да имаме чист воздух за дишење и да имаме активни подземни води и реки кои се влеваат во Охридско Езеро и да се одржува нивото на езерото. Езерото со своето испарување помага да имаме чист воздух. Во сливново подрачје на Охридско Езеро, во сите населби кои се протегаат од Пресека до Свети Наум и Буково да се направат мини пречистителни станици да можат сите фекалии да се прочистуваат, додава Наумоски, потенцирајќи дека ќе поднесе извештај со насоки што треба да се преземе.
Нацрт верзија на Планот по денешната јавна расправа ќе биде сеуште на увид до 14 април до кога граѓаните и заинтересираните страни може да достават забелешки, коментари, предлози кои ќе бидат разгледани и дел од нив ако се прифатливи ќе бидат вградени во Акциониот план.
Инаку, Планот го донесува Советот на Општина Охрид и тогаш станува официјален документ по кој се постапува. Акциониот план за квалитетот на амбиентиот воздух во Општина Охрид е изработен од страна на Технолаб во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање за потребите на Општина Охрид.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски