Погрешно е размислувањето дека за развој на зимскиот туризам, што треба да овозможи продолжување на сезоната во Охрид, неопходна е изградба на скап ски центар на планината Галичица која е под заштита на УНЕСКО, сметаат упатените во проблематиката. Наместо да се планираат нереални проекти, потребно е да се изработи соодветна планска документација што ќе овозможи изградба на основна инфраструктура и мали угостителско – туристички објекти од типот на планинарски домови и ресторани кои ќе го направат овој регион примамлив за авантуристи кои што сакаат да го поминат слободното време на планина. Поради недостиг на планска документација нема интерес од инвеститори и не можат да се искористат средствата од европските фондови.

-Во моментов не може да се изгради легален планинарски дом не само во Охридскиот регион, туку било каде во државата, затоа што не постојат планови. Без нив не постои меѓународен фонд кој ќе ви даде средства за таква намена. Ние три децении декларативно зборуваме за развој на зимски туризам, за искористување на потенцијалот кој го имаме, но немаме мрднато ни милиметар во овој правец. – вели Антонио Додевски од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид.

Во светот днеска се повеќе замав земаат алтернативните форми на движење во планина за сметка на класичен одмор во ски центри. Слободното скијање, ски алпинизмот, ски турингот или движење со дрезгии се само дел од новите трендови во туризмот, за што охридскиот регион со планините околу Езерото имаат извонредни природни предиспозиции, но тоа не е доволно, вели Додевски.

-Ако сакаме да ги развиваме ваквите алтернативни форми ние мора да овозможиме соодветна инфраструктира. Кога луѓето ќе излезат на планина на 1600 метри надморска височина каде владеат супалпски услови потребно е да имате место каде ќе може да се затоплат, да консумираат храна или пијалаци, односно да го направат туризмот целосен. – додава Додевски.

Во моментов охриѓани и туристите во зима на планината Галичица со возило можат да се искачат најдалеку до месноста „Корита“ и тоа на сопствен ризик и одговорност, бидејќи патот преку националниот парк од 15 ноември до 15 март не се одржува. Така е веќе три децении.

Г.М.