Денес од Прес – конференцијата на младиот охридски кандидат за пратеник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ во 5 – тата Изборна единица, господинот Александар Николоски слушнавме дека во рамките на возобновениот Светиклиментов универзитет на Плаошник ќе бидат отворени 10 депанданси на светски познати универзитети, со кои веќе бил постигнат договор, само тој не сакал да ги каже кои се тие.

Охридската, а и македонската јавност со денови и месеци наназад ги прашува каде се фискултурните сали, каде се новите 100 училишта, каде се компјутерите, каде се фудбалските игралишта, а тие, место одговор, излегуваат со нови ветувања, овојпат уште понереални, без никаква претходна анализа за бројот на матурантите кој секоја година рапидно се намалува, за вистинските потреби или за тоа колку сето тоа ќе ја чини Република Македонија.

Покрај ова, на својот прес, младиот господин најавува и продолжување на реформите во основното и средното образование, а при тоа ништо не спомнува за породилните маки со кои се соочуваа сите основни училишта во Република Македонија, кога без никакви претходни подготовки се воведе деветтолетката. Кога  новите вработувања направени по овој основ беа флангрантно кршење на Законот за работни односи, бидејќи сите нововработени професори по англиски јазик и физичко образование 4 месеци работеа непријавени и без плата, но никаде ја немаше Трудовата инспекција.

Младиот господин ништо не спомнува за неизвесноста и стравот  кој владее меѓу наставниците, учениците и родителите од претстојната Државна матура, бидејќи таа е крајно неподготвена и чиста импровизација, за што најдобро сведочат постигнатите резултати од пробната матура, кои беа катастрофално слаби.

Хаосот и импровизацијата во образованието што го прави оваа Влада продолжи со Конкурсот за упис на ученици во прва година во средните училишта, кога еден Конкурс објави Државната комисија, а другиот ден друг Конкурс објави господинот министер, а разликата беше само 40 нови паралелки за кои нема ниту простор, ниту кадар, ниту нагледни средства, а ниту планирани средства во буџетот на Република Македонија.

Регионален изборен штаб на коалицијата за Европа „Сонце“  за 5-та ИЕ