Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев победи на 29-то издание на Охридскиот пливачки маратон и ги оствари своите детски соништа. Но, сонот на охриѓани се уште не се оствари за целосното враќање на сјајот на најпрестижната манифестација во нашата држава.
Стихијно, без многу помпезност недела дена пред почетокот се најави пливачкиот маратон кој порано а и сега е заштитен знак на Охрид.
Во минатото, на градското пристаниште победникот на маратонот бил поздравен од 10-15 000 грла, а оваа година победникот Поп Ацев беше крунисан пред 1000 љубителите на спортот и пливањето.
Години наназад на Охридскиот пливачки маратон му недостасува афирмација во градот домаќин и државата. Маратонот е оставен сам на себе во текот на целата година и само поради „старата слава“ ги влече љубителите на пливањето.
Подготовките и организацијата за следниот маратон почнуваат веднаш по завршувањето на актуелниот. Лошата инфраструктура и примитивните услови воопшто во државата создаваат одбивност кон спортовите на вода што дополнително го отежнува организирањето на Маратонот во Охрид.
Триумфот на домашниот пливач Поп Ацев на 29-то издание во крајно неизвесна трка треба максимално да се искористи бидејќи нема подобар спортски амбасадор на некоја манифестација од шампионот и конечно Охридскиот пливачки маратон да блесне со сиот свој сјај на јубилејното 30-то издание следната година.
Михаил Постоловски