Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата-СОНК, не ја исклучува можноста од радикализација на штрајкот, доколку Владата не ги прифати барањата на штрајкувачите. Ова како што истакна на прес конференција лидерот на СОНК, Дојчин Цветановски, било заклучено на вонредната седница на синдикатот на која присуствуваа и владини претставници.

Советот на СОНК донел одлука со која на  Претседателството на синдикатот му дава право  да оцени и доколку е потребно да ги внесе градинките и училиштата со целодневна настава во класичен штрајк, што подразбира нивно затворање. Цветановски не ја исклучи и можноста од улични протести.

Ваквите најави доаѓаат откако четиричасовната средба на синдикалците со вицепремиерот Зоран Ставревски и министерите за образование, за култура и за труд и социјаклна политика, синоќа не резултираше со договор. Вицепремиерот на средбата истакна дека поради економската криза владата во овој момент не може да ги испони барањата на СОНК кои како што рече целосно ги разбира.

СОНК бара најдоцна до крајот на годинава да бидат потпишани колективните договори, надоместот за храна да изнесува 20 проценти од просечната плата во државата и да се применува од почетокот на следната година, а надоместокот за превоз да биде во висина на реалните трошоци што работникот ги плаќа за одење до работното место и враќање дома. СОНК, исто така, бара на вработените со определено време работниот однос да им биде трансформиран во неопределено време.

Штрајкот на вработените во училиштата во Охрид продолжува и денеска, информираат од огранокот на СОНК, иако во некои локални медиуми беа лиферувани соопштенија преку кои дел од вработените во некои од образовните установи ги повикуваат учениците да се вратат на настава. Се очекува Владата која доцна синоќа одржа итна седница да се произнесе за барањата на СОНК, од што според синдикатот зависи и евентуалната одлука за престанок на штрајкот.

Ohridnews