Советот на СОНК  вечерва во Скопје на вонредна седница расправа за натамошниот тек на штрајкот на вработените во образованието, науката и културата.

Според раководството на синдикатот, штрајкот се одвива под притисок од власта за што на седницата реферирале претседателите на СОНК по градови.

На седницата покрај министерот за образование, Перо Стојановски, учествуваат и вицепремиерот Зоран Ставрески, министерката за култура Елизабета Канческа Милеска и министерот за труд и социјала, Џељаљ Бајрами.

Потпретседателот на Владата, Ставрески, според медиумските извештаи од седницата, демантирал дека се вршат  притисоци врз штрајкувачите. Притоа тој уште еднаш го изнел ставот дека штрајкот е под влијание на СДСМ. Ставрески пред синдикалците истакнал дека  Владата останува отворена за дијалог, но сега нема услови за исполнување на барањата на СОНК.

Претседателот на СОНК, Дојчин Цветаноски, пред почетокот на седницата изјави дека доколку на средбата која е во тек владата не ги прифати барањата на синдикатот штрајкот ќе продолжи и утре.

Конечната одлука околу тоа, синдикатот се очекува да ја донесе на седницата која ќе трае до долго во ноќта.

Ohridnews