Синдикатот на вработените во образованието, науката и културата – СОНК и претствниците на Владата, на вонредната седница што заврши доцна во ноќта,  не постигнаа договор за прекин на штрајкот.

Ги респектираме вашите барања, но во најголемата светска криза во последните 80 години вие барате нивно остварување од утре. Пред една година сметавме дека економијата ќе расте, знаевме што може да исполниме и ги исполнивме работите се до септември, истакна  вицепремиерот Ставрески на средбата со раководството и членовите на СОНК.

Во училиштата во Охрид и денеска не се одржува настава. И во останатите градови во поголем дел од училиштата не се одржува настава. Образовниот процес не е прекинат во училиштата кои не се членови на СОНК, како и во колективите каде има поделеност меќу вработените. Владејачката партија и опозицијата меѓусебно се обвинуваат за штрајкот, а државата најави санкции за училиштата и наставниците кои ја прекинале наставата.

Генералниот штрајк почна во понеделникот. СОНК бара најдоцна до крајот на годинава да бидат потпишани колективните договори, надоместот за храна да изнесува 20 проценти од просечната плата во државата и да се применува од почетокот на следната година, а надоместокот за превоз да биде во висина на реалните трошоци што работникот ги плаќа за одење до работното место и враќање дома. СОНК, исто така, бара на вработените со определено време работниот однос да им биде трансформиран во неопределено време.

Најпогодени од целата ситуација се учениците и родителите кои секојдневно се соочуваат со проблемот на згрижување на своите деца, бидејќи нема прецизни информации до кога ќе трае штрајкот.

Ohridnews