Со ребаланс на Буџетот да се предвидат средства за зголемување на платите на вработените во образованието и градинките за десет проценти, побара Владата од ресорните министерства на вчерашната седница. Исто така, го повика Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) да го прифати ова покачување и во интерес на децата да продолжи образовниот и згрижувачкиот процес.

Од друга страна пак, од СОНК порачаа дека денеска ќе биде одржана седница на која детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него. Дотогаш, од Синдикатот порачаа дека штрајкот продолжува.

Владата формираше работна група во која се вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, да отпочнат процес за преговори за колективен договор со репрезентативниот синдикат и за методологија за континуиран раст на платите во јавниот сектор. Во заклучоците по оваа точка е вклучено и задолжувањето за Министерството за информатичко општество и администрација да започне процес за подготовка на закон за платите во јавниот сектор, се вели во соопштението од владината прес-служба.

По завршувањето на седницата на Владата, на Фејсбук се огласи претседателот на СОНК, Јаким Неделков, кој напиша дека откако ќе ги добијат заклучоците од седницата ќе биде одржана седница на Советот на СОНК, при што детално ќе го проанализираат ставот на Владата и ќе се произнесе по него.

Дотогаш, односно додека членовите на СОНК не се произнесат поинаку, штрајкот продолжува, порача Неделков.

Штрајкот во образованието започна на 11 април на национално ниво во градинките, основните и средните училишта, со неизвршување на работните задачи на работното место, сè додека не се најде соодветно решение за двете страни.

OhridNews