Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со слаб до умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се движи во интервал од 11 до 22, а максималната ќе достигне од 35 степени во Охрид до 40 степени во југоисточните делови од земјата. УВ индексот ќе биде 9, известуваат од УХМР.
Синоптичарите информираат дека под влијание на многу топла воздушна маса од југ, од денеска до крајот на седмицата времето ќе биде претежно сончево и многу топло. Особено топло ќе биде до среда кога дневната температура наместа ќе надминува 40 степени и на повеќе места ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури.
И покрај високите температури од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и град, соопштуваат од УХМР.