„Сон на летната ноќ“ е една од најубавите, најромантичните и најволшебните комедии на светскиот театарски гениј Вилијам Шекспир. Од ова дело извира толку многу љубов, среќа и радост што секој актер сака да биде лик од оваа комедија и секој режисер посакува да го режира барем еднаш во својот живот, вели Ѓорѓи Јолевски – селектор на драмската програма на Охридско лето
– Кога ќе се направи спој на Шекспировите стихови со режисерската имагинација на еден од најбараните режисери Александар Морфов, кој веќе долго време престојува во Русија, тогаш добиваме алхемија на театар кој зрачи со убавина и ни нуди несекојдневна театарска естетика.-истакна Јолевски.
Морфов на Охридско лето сме го гледале со повеќе претстави во различи продукции од кои би ги издвоил „Дон Жуан“ од Молиер во продукција на театарот В.Ф. Комисаржевска од Санкт Петербург, Русија, истиот театар со кој ќе ни се претстави и оваа година и „Декамерон“ од Бокачо во продукција на Народниот театар од Битола.
Она што е најимпресивно во претставата „Сон на летната ноќ“ е фантастичната актерска игра на ансамблот. Голем дел од оваа хомогена екипа ја имаат титулата „почесен актер на Руската Федерација“. Руските актери играат и во исто време се забавуваат создавајќи на сцената виртуозни варијации со шекспировите стихови.-објаснува Јолевски.
„Сон на летната ноќ“ од В. Шекспир во Охрид ја имаат поставено и двајва македонските режисери, Коле Ангеловски, чија изведба беше во шумскиот простор на хотелот Парк и Слободан Унковски со незаборавната изведба на актерите од Народниот театар од Битола на прекрасниот простор на Имарет.