Шеснаесет годишниот Илир Суља од струшкото село Ливада почина вчера во Интернет кафе, поради сеуште неутврден несреќен случај. На несреќата му претходела вербална расправија во една група на деца, која била во Интернет кафето, но полицијата сеуште нема сознанија дали дошло до физичка пресметка помеѓу нив.
-Нашите сознанија говорат дека најпрво настанала расправија меѓу починатиот и неговите тројца малолетни другари, но нема потврдени информации дека дошло до физички контакт помеѓу децата. Според добиениот извештај на истражниот судија од Основниот суд во Струга, нема траги на насилство на телото на починатиот -изјави портпаролот на охридската полиција Стефан Димоски.
Тој нагласи дека полицијата ја продолжува истрагата со цел да се утврдат причините за овој трагичен настан.
Инаку малолетникот Илир Суља бил албански државјанин , роден 1994 година, ученик во струшката гимназија Нико Нестор. Според полицијата тој и неговата мајка немале регулиран престој во Република Македонија.