Нема повеќе дилеми и шпекулаци, барем до крајот на сезоната, кога се однесува менаџерската позиција во Манчестер Јунајтед. Клубот од Олд Трафорд го назначи Оле гунар Солскјаер за менаџер на екипата до крајот на сезоната. Норвежанецот ќе ја преземе палката од Жозе Мурињо кој доби отказ после поразот од Ливерпул.
Солскјаер, како фудбалер на Олд Трафорд помина 11 сезони. Тој беше „златното момче“ на Сер Алекс Фергусон и неговата машинерија. Во клубот доаѓа од Молде, каде работеше како тренер последниве три сезони.
- Манчестер Јунајтед е во моето срце и многу се радувам што ќе се вратам дома со нова улога. Многу сум возбуден што ќе работам со талентирана екипа и луѓе какви што има само во Манчестер Јунајтед. – изјави за клупскиот сајт Солкјаер.
Спортскиот директор на Манчестер Јунајтед, Ед Вудвард изјави дека Солскјаер најдобро знае што значи дресот на „црвените ѓаволи“. Тој исто така го најави враќањето на Мајк Фелан кој беше последен помошник на Фергусон на Олд Трафорд.
- Солскјаер е голема легенда на клубот. Неговата историја во Манчестер Јунајтед значи дека тој живее и ја дише културата во клубот. Сите во екипата се радуваме на неговото враќање и враќањето на Мајк Фелан. Убедени сме дека сите заедно ќе успееме да се обединиме и да го вратиме сјајот на клубот во втората полусезона во Премиер лигата. – рече спортскиот директор Вудвард.
Солскјаер деби на клупата во англиската Премиер лига ќе има в сабота со почеток во 18 часот и 30 минути против Кардиф на гостински терен.
OhridNews