Амбасадорот на Руската федерација во Република Македонија, Владимир Дмитриевиќ Солоцински,  денеска ја посети компанијата АМАК-СП, при што имаше средба со менаџерскиот тим на компанијата, а ги разгледа и производствените погони.


Амбасадорот на Русија Солоцински во посета на АМАК

“Владата преку своите програми за привлекување странски инвестиции  е на добар пат да ги привлече и руските компании во Македонија, кои во регионов инвестираат милијарди евра”, рече амбасадорот Дмитриевиќ Солоцински и додаде оти извозот од Македонија во Русија може да се зголеми со формирање мешовити македонско-руски компании.

Генералниот директор на компанијата АМАК-СП, Венко Шапкар му ги презентира на амбасадорот,  развојот на компанијата, постојните производствени програми, но и новите програми на кои интензивно се работи, при тоа, истакнувајќи дека, главниот производ на компанијата, сигурносните појаси, најмногу се извезуваат на рускиот пазар.

“АМАК-СП работи  на имплементирање на производствената програма за топлински разменувачи за што наскоро треба да стартува новиот погон, кој ќе произведува разладни и топлински системи за простории и цели објекти”, објасни Шапкар.
  
За Рускиот амбасадор, ваквите планови имаат перспектива со тоа што руските инвеститори би инвестирале во производството, кое потоа би се извезувало и  во Русија.
  
На новинарско прашање, дали руската компанија “Лукоил” конечно ќе гради бензиски пумпи во Охрид, амбасадорот Владимир Дмитриевиќ Солоцински  рече дека тоа прашање се одолговлекува, но изрази надеж оти  градоначалникот на Охрид, Александар Петрески,  ќе помогне во нивното отворање, што пак, позитивно ќе се одрази и врз  “Лукоил”, но и врз градот.

ohridnews