Подадена рака во услови кога е најпотребно значи многу. Светски познатиот производител на високо квалитетни производи за автомобилската индустрија, ОДВ Електрик, во својата фабрика во ТИРЗ Охрид – Струга, во тешки времиња ангажира тим од 90-тина луѓе од Западна Украина, овозможувајќи им работа во услови на војна во нивната земја, и можност да остварат егзистенција за себе и своите семејства.
Со оглед на моменталната ситуација во Украина, каде некогаш и нема услови да се оди на работа, бидејќи на моменти се слушаат експлозии, а на моменти снемува и електрична енергија, ова е одлична можност за заработка, но и задржување на работните места, вели украинката Ирина Диакив, дотолку повеќе што ОДВ Електрик префрли и дел од производството од Западна Украина во Македонија.
Дојдов со голем тим оператори од ОДВ во Украина тука во Охрид. Нашaта цел е да помагаме на нашите колеги тука, бидејќи со оглед на ситуацијата во Украина, многу обврски беа намалени и моравме да ги спасиме нашите работни места. Ова е голема шанса за нас сите да имаме повеќе работа тука во Македонија. Планот и работата се исти и нашиот тим ја цени ваквата шанса. – вели Диакив, изразувајќи благодарност до колегите во Македонија за понудените добри услови и можноста да работат заедно со нив.
Генералниот менаџер на ОДВ Електрик, Огнен Цубалевски потецира дека војната во Украина помести многу нешта на светската сцена.
Клиентите на ОДВ Електрик коишто повеќе од 20 години купуваа високо квалитетни производи произведени од страна на нашите колеги од ОДВ Електрик во Украина, веќе не сакаат да ги купуваат оттаму, бидејќи ризикот од можна ескалација и понатамошно интензивирање на војната едноставно веќе е недозволив. Затоа ОДВ Електрик презеде мерки уште од почетокот на инвазијата во февруари и префрли дел од производствениот процес на ОДВ Електрик од Украина во Македонија. Во меѓувреме се префрлени девет линии во Македонија и околу 300 работни места. – изјави за Охридњуз Цубалевски.
По успешното префрлање на технологијата, производството во ОДВ Електрик во Македонија, каде се ангажирани близу 1000 вработени, е зголемено речиси за 70 % во однос на минатата година.
Тоа што за нас се покажа како зголемен обем на работа и покачено производство, за жал во Украина се покажа како недостаток на производство. ОДВ Еелектрик одлучи од минатата недела да релоцира 90 вработени на ОДВ Електрик од Украина во Македонија. Во моментов оваа одлука е донесена со привремено важење од шест недели до 20 декември оваа година со можност евентуално да се продолжи. Со тоа постигнавме да имаме искусни, обучени колешки коишто веднаш може да се вклучат во производствениот процес и овозможивме 90 семејства во Западна Украина да имаат сигурна егзистенција и каква таква иднина, а и ние како ОДВ Електрик успеваме да го задржиме нашето место на меѓународниот пазар на автомобилската индустрија. – истакна Цубалевски.
ОДВ Електрик во Охрид, покрај работниот ангажман, обезбеди и сместување за украинскиот тим, но и целосно вклучување во секојдневниот живот преку организирање на прошетки низ Охрид со цел да се запознаат и со културно историските знаменитости на градот и, секако, пред се, да им се овозможи малку мир и спокој од воени случувања во Украина.
Н.С.Ј.
Видео: К.С.